Според одзивот на претходните изданија, манифестацијата веќе ја стекна неопходната доверба на креативните автори, студија, компании и институции во чијшто фокус се модерниот дизајн и креативниот потенцијал, пред сѐ, на младите претприемачи, и во таа смисла оваа година поставуваме платформа која ќе ги надгради досега стекнатите организациски и комуникациски искуства.
Имајќи го предвид интензивниот развој на дизајнерските иницијативи и практики во последниве неколку години, мото на шестото издание на „Недела на дизајнот“ е „Млади брендови во подем“ (Blooming Makers), со цел дополнително да ги поттикнеме и поддржиме локалните дизајнери во нивниот поход кон освојувањето на регионалниот и интернационалниот пазар, но и да им дадеме самодоверба за повидливо присуство на домашниот пазар.
Во моментов отворен е конкурсот за учество на шестото издание на „Skopje Design Week“. Дизајнерите, студијата за дизајн, компаниите, продавниците, фабриките, застапниците и дистрибутерите кои сакаат да ги изложат и продаваат своите производи за време „Skopje Design Week 2016“ можат да се пријават сѐ до 30 октомври. Производите можат да бидат од најразличен формат, материјали и бои, но значајно е да имаат истакната употреблива вредност и пазарен потенцијал. При селекција на предложените производи и брендови предност се дава на производите кои ги задоволуваат следните критериуми: функционалност, пазарен потенцијал, цена на чинење и естетика.
Деталната пријава за учество може да се најде на официјалниот сајт на„Skopje Design Week 2016“.
До 30 октомври ќе биде отворен и конкурсот за дизајн на престилка, кој е наменет за студенти, а кој „Skopje Design Week“ го реализира во соработка со Италијанската стопанска комора во Скопје. Наградата за најдобриот дизајн ќе биде учество на летна школа на Академија Италијана во Фиренца во текот на 2017 година. Деталите за конкурсот може да се најдат на сајтот на „Skopje Design Week“.