Едуардо Беризо, тренерот на Селта, изјави дека неговиот тим заслужил да го елиминира Манчестер јунајтед во полуфиналето на Лигата на Европа.

По поразот во Виго со 1-0, Селта на „Олд Трафорд“ одигра 1-1, а Џон Гвидети не ја искористи големата шанса во финишот со која шпанскиот тим можеше да се пласира во финалето.

„Тоа беше фантастична можност на крајот, но во текот на целиот натпревар имавме полушанси. Од друга страна, нив ги сведовме на една можност од која постигнаа гол. Ја поседувавме топката, игравме точно онака како што сакавме и штета што не сме во финалето“, изјави Беризо.

„Фудбалот е полн со драми – од поразите се учи и потоа тие се претвораат во победи. Многу сум горд на своите играчи, го покрија секој дел од тревата, беа храбри и се бореа до крај. Игравме многу подобро отколку Јунајтед во првиот натпревар. Земајќи го предвид тоа, можеби заслуживме да се пласираме“, додаде тренерот на Селта.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/05/2017 14:01