Хари Кејн, фудбалерот на Тотенхем, изјави дека тој и неговите соиграчи многу сакале да триумфираат во последниот натпревар на „Вајт харт лејн“.

Фудбалерите на Тотенхем на нивен терен го победија Манчестер јунајтед со 2-1 во 37-мото коло на Премиер лигата и со тоа на најдобар начин се збогуваа од „Вајт харт лејн“, на којшто „петлите“ играа цели 118 години.

„Каков начин да се збогуваме од ‘Вајт харт лејн’... Многу сакавме да победиме во последниот натпревар на ‘Вајт харт лејн’. Претходно кажував дека би сакал да постигнам гол на тој натпревар, и тоа се случи, што е одлично“, изјави Кејн.

Тотенхем со триумфот го обезбеди второто место на табелата на Премиер лигата и сега има 80 бодови.

„Кога ќе го погледнете бројот на бодовите, тоа е приближно како минатата сезона... Разочарани сме што останавме без титулата, но растеме“, додаде англискиот репрезентативец.

Додека изградбата на новиот стадион не биде завршена, Тотенхем неговите натпревари ќе ги игра на „Вембли“.

„Беше неверојатно. Навивачите го заслужија ова, моравме да победиме за нив. Ова беше одлична сезона и се надевам дека ќе продолжиме да напредуваме. Слушам дека зборуваат дека не е добро за нас да играме на ‘Вембли’. Ќе направиме сè за да може навивачите да се чувствуваат пријатно на ‘Вембли’ следната сезона и од ‘Вембли’ да направиме тврдина каква што беше ‘Вајт харт лејн’“, изјави Деле Али.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/05/2017 23:01