Само еден чекор ги дели „зелено-белите“ од Глазгов да ја завршат сезоната на домашната сцена без ниту еден единствен пораз.
На едно коло пред крајот на сезоната во шкотската Премиер лига, Селтик убедливо е прв на табелата, новата титула уште поодамна е обезбедена - екипата има импресивен скор од 33 победи, четири ремија и ниеден пораз.
Брендан Роџерс ќе може да се пофали дека во неговата дебитантска сезона водел непобедлива генерација, освен во случај ако Харт утре не приреди првокласна сензација на „Селтик парк“.
Покрај тоа, Селтик е на прагот да го собори клупскиот рекорд кога станува збор за бројот на освоени бодови во една сезона. Под кормилото на Мартин О’Нил, сезоната 2001/02 беше завршена со 103 освоени бода, колку што имаат сега „зелено-белите“ пред последното коло.