Новиот вицепремиер за економски прашања во Владата на Република Македонија на предлог на стопанските комори треба да делува во насока на креирање на стратегија за развој на приватниот сектор, зголемување на продуктивноста и на бројот на вработувањата во стопанството, како и подобрување на деловното опкружување и овозможување негов раст и развој.

Постигнат консензус околу ова прашање е од особено значење имајќи предвид дека Стопанската комора на северозападна Македонија на минатонеделната прес конференција со одлука промовираше силен кандидат кој подеднакво во изминатите две години доставуваше предлог мерки за подобрување на состојбите во стопанството, а се очекува со свој кандидат да се огласи и Стопанската комора по што трите комори ќе дискутираат за најдоброто решение.

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) на седница на советот на секторските претседатели дискутираше околу можно предлог решение на Сојузот за вицепремиер, при што беа дискутирани критериумите кои тој претставник би требало да ги исполнува. Беше истакнато дека лицето кое ќе го застапува приватниот сектор треба да е негов претставник и пред се професионалец со повеќегодишно искуство и активно учество во застапување и промовирање на интересите на деловната заедница без посебен акцент на одреден сектор од стопанството, како би ги застапувал подеднакво сите сектори. Во исто време потребно е да е лице кое немало политички ангажмани и не е член во ниту една политичка партија во Република Македoнија.

На седницата беа истакнати повеќе кандидати при што како најдобар кандидат со одлука се избра г. Александар Зарков кој во моментов е носител на функцијата извршен директор на ССК и ги исполнува сите истакнати критериуми за застапување на приватниот сектор како вицепремиер за економски прашања со повеќе годишно искуство во сите сектори.

Преку вклучувањето на претставник од коморите ќе се потенцира важноста на јавно приватниот дијалог преку усогласување на политичките одлуки кои се поврзани со деловното работење, ќе се овозможи целосна вклученост во подготовката и креирањето на законската регулатива и економските политики.

Вицепремиерот предложен од бизнис заедницата ќе претставува клучна алка помеѓу приватниот сектор и институциите, ќе обезбедува дополнителна стабилност и ќе спроведува мерки за подобрување на условите за раст и развој на приватниот сектор.

Информациите кои беа лиферувани во јавноста без истакнат извор дека Сојузот цитираме :„одбил средба со лидерот на СДСМ г. Зоран Заев во предизборниот период“ се неосновани и погрешни. Информираме дека комуникацијата за предлози за подобрување како и за креирање на нови економски политики од програмата на СДСМ пред Сојузот беа презентирани од страна на г. Кире Наумов.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/05/2017 19:14