Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод терористичкиот напад во Манчестер, упати телеграма со сочувство до кралицата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Елизабета Втора.

- Ваше Величество, со шок и огорченост ја примив веста за бруталниот напад во Манчестер, во кој животот го загубија голем број на невини лица и каде има голем број на повредени. Во овие тешки мигови на длабока тага, дозволете ми да изразам сочувство на семејствата на жртвите на овој грозоморен и антицивилизациски чин, а на повредените да им посакам брзо закрепнување, се вели во телеграмата.

Република Македонија, се посочува, остро ги осудува и се спротивставува на сите терористички напади и е солидарна со Обединетото Кралство во борбата против тероризмот.

- Како никогаш досега, потребно ни е заедништво, максимална соработка и одлучност во борбата против сите оние сили кои преку насилство и терор сакаат да внесат страв и омраза, притоа уништувајќи ги сите цивилизациски придобивки, кои генерациите зад нас истрајно ги создавале. Ваше Величество, нашите мисли и молитви се со Вас и со семејствата на жртвите, стои во телеграмата.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/05/2017 13:24