Одбраната секогаш е првиот предуслов за триумф на еден натпревар. Ако имаш добра одбрана полесно се игра во напад. На линијата од шест метри, и во напад и одбрана сета сила и умешност ќе треба да ја покаже и капитенот Стојанче Стоилов. Ова е негов прв Ф4 турнир, но не и последен.

Вардар доаѓа како дебитант на овој Ф4 во Келн. За разлика од женската екипа на Вардар која четирипати играше на Ф4 и сега во мај го освои сребрениот медал, мажите првпат го искусуваат играњето на ваков турнир.

„Спремни сме, иако сме дебитанти. Тоа не значи ништо. Сите четири екипи имаат подеднакви шанси за триумф тука. Се надевам ќе имаме повеќе среќа од девојките. Чекавме неколку години да дојдеме тука, и знаеме што значи тоа. Дојдени сме со цел и се надевам ќе ја заокружиме таа цел“, вели Стоилов.

Во полуфиналето противник на Вардар е еден од најуспешните светски тимови во ракомет. Барселона има осум европски титули зад себе.

„Знаеме кој е нашиот ривал, еден од најдобрите клубови, клуб со историја. Тоа тука не значи ништо, еден меч е тоа. Најважно е да бидеме мотивирани. И кој ќе биде помотивиран ќе победи.

Вардар е дебитант, можеби и помалку искусен во однос на противникот. „Тие се поискусни од нас, ние имаме дебитанти во тимот, но и оние што играле досега тука. На нив останува да нѐ понесат и да ни дадат совети. Можам да ветам борба, тоа ни останува. Да покажеме образ и дека заслужуваме да бидеме тука, и ова ќе биде континуитет за нас во иднина“, вели капитенот Стоилов.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/06/2017 16:16