Реал Мадрид стана прв клуб во историјата на Лигата на шампионите кој го одбрани трофејот откако во финалето во Кардиф го победи Јувентус со 4-1.
Тимот на Зинедин Зидан со ова ја потврди доминацијата во европскиот фудбал освојувајќи го третиот трофеј во Лигата на шампионите во последните четири години и вкупно 12-ти во историјата на клубот.
Многумина очекуваа дека одбраната на Јувентус која го запре Меси и Барселона ќе успее да го направи истото и против Роналдо и Реал Мадрид, но „кралевите“ уште еднаш покажаа дека знаат како се играат финалињата.
Јувентус добро го почна натпреварот во Кардиф иако Реал поведе во 20 минута со голот на Роналдо. Италијанскиот шампион во најмала рака беше рамноправен во првиот дел и во 27-ата минута Манџукиќ го израмни резултатот со спектакуларен гол со ножички.
Со тој резултат се замина на одмор, а во вториот дел Реал целосно го надигра Јувентус. Од почетокот на продолжението фудбалерите на Зидан го притиснаа противникот сè додека не ја завршија работата.
Каземиро со малку среќа со одбиена топка погоди за 2-1 од преку 25 метри, а Кристијано Роналдо во 64-тата минута го испрати центаршутот на Модриќ за 3-1 и со 12 гола стана прв стрелец сезонава во Лигата на шампионите.
Конечниот резултат го постави Асенсио во последната минута од натпреварот.
Јувентус остана со губитничкиот ореол затоа што го загуби деветтото европско финале во 11 обиди.