Стагнација на економската активност е забележана во првиот квартал од годинава, а пониските остварувања создаваат надолни ризици за проекцијата на БДП од 2,5 проценти за цела 2017 година.
Ова е констатирано на седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на која е посочено дека структурно гледано, извозниот сектор и личната потрошувачка и понатаму имаат раст, а дополнително во овој квартал позитивен импулс врз економијата имале и инвестициите. Сепак, се додава во соопштението, во услови на посилни увозни притисоци, вкупната економска активност стагнираше, наспроти очекувањата за раст на економијата во овој период.
Во мај, податоците за инфлацијата укажуваат на годишна стапка на инфлација од 1,2 проценти, додека просечниот годишен раст на цените во првите пет месеци изнесува 0,7 отсто. Овие остварувања се резултат првенствено на базичната инфлација, и во помал дел на цените на енергијата, наспроти и натаму негативниот придонес на цените на храната. Остварувањата кај инфлацијата, главно се во склад со проекцијата.
Во однос на надворешниот сектор, податоците за девизните резерви за април и мај покажуваат пад во однос на крајот на првиот квартал, којшто е во рамки на очекуваните движења. Притоа, сите показатели на адекватноста на девизните резерви покажуваат дека тие постојано се движат во сигурната зона. Во однос на расположивите податоци за надворешниот сектор, нивниот број е мал, а засега покажуваат поповолни движења од очекуваните. Оваа констатација се однесува на менувачкиот пазар заклучно со втората декада на мај, но и за податоците за надворешната трговија за април. Така, во април 2017 година, извозот на стоки оствари годишен раст од 5,3 отсто, при раст на увозот од 2,2 отсто, што доведе до намалување на трговскиот дефицит на годишна основа и индиции за подобри движења од оценетите во рамки на вториот квартал. Сепак, краткиот период и променливата сезонска динамика се ограничувачки фактор за донесување посигурни заклучоци во однос на очекувањата за показателите од надворешниот сектор за целото тримесечје.
Од аспект на банкарскиот систем, првичните податоци за мај 2017 година покажуваат месечно намалување на депозитната база, петти месец последователно. Сепак за разлика од претходните два месеца, во мај забележан е минимален раст на депозитите на населението, при зголемување на штедењето во домашна валута. Нивото на вкупните депозити, засега е под проекциите и упатува на одредени ризици во овој сегмент. Од друга страна, кредитната активност и во мај продолжи да расте со солидно темпо, во голема мерка како последица на кредитната поддршка на населението, но и умерен раст на корпоративното кредитирање. Динамиката на кредитирањето е во линија со очекуваните движења.
Ликвидноста на банките, по еднократниот пад во април, во мај го продолжи нагорниот тренд којшто е карактеристичен од почетокот на последниот квартал на 2016 година наваму. Месечниот пораст на ликвидните средства во најголем дел беше резулатат на ефектот на трансакциите на државата поврзан со отпочнатата исплата на субвенциите за земјоделство што пак беше делумно неутрализирано со интервенциите на Народната банка кои беа во насока на продажба на девизи.
Во мај, на девизниот пазар беше забележан сезонски раст на побарувачката за девизи, пред сѐ од страна на фирмите, којашто во дел беше надоместена од силната понуда на девизи од страна на менувачниците. Дополнително, дел од побарувачката за девизи банките ја задоволија од сопствените средства, што влијаеше во насока на намалување на нивните девизни средства, раст на побарувачката за девизи на меѓубанкарскиот пазар и интервенции на Народната банка за обезбедување на банките со потребната девизна ликвидност. Во текот на месецот, банките активно тргуваа и на пазарите на пари, а заради ефикасно управување со ликвидноста, вишокот на средства на нивните сметки продолжија да го насочуваат кон расположливите депозити кај Народната банка.
На седницата беше заклучено дека постојните економски и финансиски услови, како и постоечките ризици укажуваат дека засега постојната монетарна поставеност е соодветна.
Во вакви услови, а при присуство на одредена неизвесност и ризици, каматната стапка на благајничките записи беше задржана на непроменето ниво од 3,25 проценти. Воедно, беше одлучено на аукцијата којашто ќе се одржи на 14 јуни, понудата на благајнички записи да биде непроменета и да изнесува 30.000 милиони денари.
Народната банка внимателно ќе ги следи сите економски индикатори и случувањата во домашната економија, при што идните промени во монетарната политика во голема мера ќе бидат условени од движењата во домашната економија и екстерниот сектор.