Англискиот премиерлигаш Ливерпул постигнал договор со Рома за трансфер на Мохамед Салах за 39 милиони фунти, што е рекорд за клубот.
Медиумите пренесоа дека трансферот е вреден 39 милиони фунти и дека египетскиот фудбалер ќе заработува 90.000 фунти неделно.
Тоа е рекорден трансфер за Ливерпул, по Енди Керол во 2011 година за кого плати 35 милиони фунти.
Салах треба да ги мине лекарските прегледи по што ќе потпише петгодишен договор.
Ливерпул неколку години е заинтересиран за дваесет и петгодишниот крилен напаѓач кој ќе биде второто засилување за „црвените“ по доаѓањето на Доминик Соланке.
Клубот од „Енфилд“ се обиде во 2014 година да го доведе Салах кој беше играч на Базел, меѓутоа Египќанецот премина во Челзи, но не се снајде на „Стемфорд бриџ“, по што замина како позајмен фудбалер во Фиорентина, а потоа и во Рома со која потпиша договор минатиот август.
Салах минатата сезона беше еден од најдобрите фудбалери на Рома, постигна 19 голови, од кои 15 во Серија А, а 13 пати беше асистент.