Зголемување на ингеренциите на институции во делот на информирање на работодавачите, заштита на здравјето на работникот, односно контроли, вклучување во институциите, формирање регистар којшто ќе се однесува на работници коишто се во посебен ризик се дел од „Нацрт-стратегија за безбедност и здравје при работа 2020“ која денеска беше презентирана на тркалезна маса пред повеќе синдикати и здруженија.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска порача дека многу е важно овој документ да биде разгледан од сите засегнати страни, односно од синдикатите, здруженијата, Државниот инсоекторат за труд и Министерството за здравство.

– Оваа стратегија е клучна, не само што итно се потребни побезбедни и похумани услови за работниците во Македонија, туку и задолжително мораме да ги усогласиме нашите стандарди согласно европските, а тоа е целта кон која што стремиме. Во оваа стратегија предлозите коишто се нудат се соодветни и само со дополнителна дискусуја ќе добиеме уште подобра стратегија и ќе ги превземеме обврските да работиме кон нејзина имплементација, истакна Царовска.

Според неа, има многу работодавачи кои не се информирани ниту за законските последици, но и дека има поставени услови кои што се невозможни да се постигнат, а се користат како алка за злоупотрена на работодавачите.

– Се предлагаат повеќе модели во комуникација меѓу институциите и вклучување на работодавачите во креирање на условите. Имаме и заштита на здравјето на работникот, односно контроли, вклучување во институциите и предвидуваме регистар којшто ќе се однесува на работници коишто се во посебен ризик, додаде Царовска.

Информира дека во гранките кои што се критични и има најголемо оптоварување на работниците има и најмало почитување на работничките права, односно најмало почитување на закаонот за безбедност и здравје при работа. Таа напомена дека Државниот инспекторат за труд досега многу слабо си ја вршел работата.

Порача работниците да се чуствуваат слободно бидејќи досега политичка ситуација и стегите во институциите ги запирале работниците и не верувале во системот.

– Ги повикувам сите работници да пријавуваат и да бараат од институциите да реагираат кога има прекршување на работничките права, нагласи министерката Царовска.

Во однос на синдикатите, министерката рече дека нема да се меша во нивната работата, но и дека во моментов ќе бидат одложени преговорите за колективниот договор со синдикатите се додека не се реши судската одлука за претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.

Министерот за здравство Арбен Таравари нагласи дека тие како министерство ќе дадат поддршка во изготвувањето на оваа стратегија, бидејќи, како што рече, здравјето на работниците е основно елементарно право, а со оваа стратегија се унапредени одредени права и од аспект на здравството ќе направат се што е потребно. Во однос на неговиот ресор во стратегијата, Таравари рече дека во нацрт верзијата се истакнуваат одредени здравствени услуги коишто ќе се даваат на работниците.

Според Милан Петкоски од Македонското здружение за заштита при работа кои се дел од подготовката на нацрт-стратегијата, голем е бројот работници кои не си ги знаат правата за заштита при работа. Во истражувањата кои тие ги спровеле, вработените не знаеле од каде да побараат информации. И оние информации, вели тој, кои им се поврзани со работното место, односно со безбедноста и здравјето при работа, се информации кои најчесто биле третирани како второстепени.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/06/2017 19:06