Претседателите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи на денешната неформална средба во Брисел со високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, се договорија да работат на отпочнување нова фаза во дијалогот меѓу Белград и Приштина посветен на нормализација на односите и помирување.

Како што соопшти Европската служба за надворешни работи, Вучиќ и Тачи исто така, се договориле нивните тимови да почнат да работат на параметрите на новата фаза на дијалогот, при што ја нагласиле важноста од имплементацијата на досега постигнатите договори без одлагање.

Могерини од своја страна на средбата ја потврди посветеноста на ЕУ на европската перспектива на Србија и Косово и на останатите земји од западен Балкан.

По средбата, како што јави Танјуг, Вучиќ изјави дека било договорено продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина и имплементација на веќе постигнатите договори.

- Тука се подразбита и формирањето на Заедницата на српски општини и за тоа нема понатамошни преговори, изјави Вучиќ.

Тој нагласи дека за подготовка на продолжувањето на дијалогот ќе биде потребен околу еден месец, при што не ја исклучи можноста разговорите да продолжат на ниво на претседатели.

- Треба сериозно и храбро да разговараме за идните односи, рече Вучиќ додавајќи дека на средбата од Могерини побарал и забрзан пристап на Србија во ЕУ.

Тачи од своја страна нагласи дека влегувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина во нова фаза ќе треба да доведе до нормализација и помирување во полза на двата народи, но и на целиот регион.

- Се надевам и уверен сум дека е можно да се постигне помирување меѓу Србите и Албанците. Тоа е во интерес на Косово, Србија и на целиот регион. Косово ќе биде целосно посветено на тоа и ќе се однесува одговорно, рече Тачи.

Тој оцени дека денешната средба била плодотворна, додавајќи дека со Могерини разговарал и за конкретните чекори што стојат пред Косово на неговиот европски пат.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/07/2017 12:55