На пазарот на труд во Македонија има околу 45 отсто жени, а просекот во ЕУ е 63,5 со тенденција до 2020 година да се зголеми на 75 проценти. Оттука, како што беше речено на денешното доделување на првиот Mamforce стандард, земјава во наредните 2,5 години би требало да го зголеми бројот на жени на пазарот на труд за најмалку 10 отсто.
– Овој гап Македонија треба да го надмине и во наредните 2,5 години да го зголеми бројот на жени на пазарот на труд за најмалку 10 отсто. Поголемото учество на жените на пазарот на труд, меѓународните организации го препознаваат како голем потенцијал за подигање на конкурентноста на економијата, истакна иницијаторката на Mamforce проектот Диана Кобас Декович.
Според истражувањата, факултет завршуваат повеќе жени од мажи. Во последната декада соодносот е 60 спрема 40. Откако ќе најдат работа, жените немаат проблем, барем првите пет години, но по мајчинството автоматски ги губат позициите.
Токму оваа и други недоследности, истакна Кобас Декович, се фокусот на Mamforce кој ги форсира принципите на балансиран професионален и приватен живот, но подразбира и креирање еднакви можности за професионален развој и напредување компаниите.
– Mamforce генерално се залага задоволни вработени пред се преку воспоставување флексибилно работно време, ефикасна, отворена комуникација меѓу вработените, организираност на работата, односно разграничување на работното од приватното време на секо вработен, поддршка на жените, примарно на мајките со можност да ги усогласат приватните со службените обврски. Стандардот е насочен и кон задржување на младите дома, во нивната земја, како и на постојана едукација, напомена Кобас Декович.
Ова се, додаде, навидум ситни мерки, но полека доведуваат до промена на организациска, корпоративна култура.
Никица Кусиникова од здружението Конект, локален партнер за спроведување на стандардот во Македонија, потенцира дека со Mamforce компаниите всушност се промовираат како општествено – одговорни, како субјекти кои имаат задоволни, мотивирани вработени, што им овозможува да ги привлечат и задржат талентираните кадри.
– Идејата е, меѓу другото, да креираме работни средини кои ќе ги задржат младите во земјата, а на мајките ќе им овозможат да си ги планираат семејните обврски без тоа да се одрази врз нивниот службен ангажман. Исто така, не смееме да ја заборавиме и улогата на мажите, особено на младите татковци кои се повеќе сакаат да се вклучуваат во развојот на своите деца и да минуваат повеќе време со нив. Овој стандард на бизнисите им нуди да креираат токму таква средина, која води сметка и на овие потреби, на мажите, не само на жените, објасни Кусиникова.
Првиот Mamforce во Македонија го воведе компанијата оне.ВИП, а до крајот на годината, како што истакна Кусиникова, се очекува и други фирми да стекнат ваков стандард.
– Mamforce е уште еден доказ дека за нас најголемиот и највреден капитал се вработените. Со особено внимание и посветеност работиме на креирање и спроведување внатрешни политики кои овозможуваат постигнување баланс меѓу приватниот и професионалниот живот. Процесот на евалуација ни помогна да ги детектираме добрите пракси што ги спроведуваме, но и да ги препознаеме областите во кои треба да се подобриме за да ја задржиме позитивната работна атмосфера и уште повеќе да го зголемиме задоволството на вработените, изјави извршен директор на Вип Димитар Ковачевски.
Mamforce стандардот има поддршка и од Министерство за труд и социјална политика бидејќи активно го промовира и поттикнува воведувањето и унапредувањето на добрите работни и организациски практики во компаниите.