Самсунг Електроникс проценува дека во вториот квартал остварил раст на добивка од 72 отсто на годишно ниво пред се благодарение на пазарот со мемориски чипови и паметни телефони, информираа од компанијата.
Јужнокорејскиот технолошки гигант ја објави проценката дека во изминатиот квартал остварил оперативна добивка од 14.000 милијарди корејски вони или околу 12 милијарди американски долари, што е негова најголема тримесечна добивка во историјата и за 72 отсто поголема отколку во истиот период лани.
Продажбата на компанијата пораснала за 18 отсто, на 60.000 милијарди вони, при што силно пораснала продажбата на полупроводници или мемориски чипови кои се користат во паметните телефони и компјутерите.
Аналитичарите веруваат дека Самсунг во оваа година за прв пат во историјата ќе избие на чело на листата глобални ИТ компании по висина на добивката од бизнисот, потиснувајќи ги од врвот на листата Интел и Епл.