Сметам дека Србија направи грешка пред 20 години кога го призна Скопје под името Република Македонија. Тоа не беше коректно кон Грција, изјави српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ по вчерашната средба во Атина со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас.
Дачиќ додаде дека „Скопје секогаш имало негативен став кон прашањето за Косово и Метохија“.
– Тие ја признаа независноста на Косово и гласаа за прием на Косово во УНЕСКО, рече Дачиќ.
Српскиот министер нагласи дека неговата земја нема да презема никакви чекори кои би можеле да ја нарушат стабилноста во регионот и оти Србија „за разлика од некои други народи, нема територијални претензии кон делови на Грција“.