Шефот на стручниот штаб на Вардар, Гоце Седлоски после натпреварот против Малме кој заврши 1:1, на прес конференција ги искажа своите импресии од дуелот кој што му донесе добар резултат на нашиот тим. Нашиот тренер истакна задоволство од односот на играчите, и дека сега во Струмица екипата ќе даде се од себе да оствари резултат кој што ќе го однесе Вардар во следната фаза од Лигата на шампионите.

„Горд сум на моите играчи. Го остварија целосно она што го договоривме пред натпреварот, го оставија срцето на терен. Како што кажав и на првата прес конференција, дојдовме тука по добар резултат. Имавме шанси во првиот дел да постигнеме уште некој гол, но кога се ќе собере, задоволни сме од овој резултат. Дојде до мал пад во последните 20 минути, мала декоцентрација и примивме гол. Но, морам да нагласам дека ова на нас ни е прв натпревар сезонава, за разлика од нашиот противник кој што веќе е во полн натпреварувачки ритам и игра во шведскиот шампионат. Остануваат уште 90 минути да се одиграат, и шансите за пласман во следната фаза ни се реални“, рече Седлоски.

На прашање дали во Струмица тимот ќе се обиде да го одбрани овој резултат, Седлоски истакна дека тимот ќе оди да постигне гол и на вториот натпревар.

„Сега на ред е да анализираме, да остраниме некои грешки. Не смееме да се ориентираме на дефанзива на вториот натпревар, туку на реваншот ќе одиме да дадеме гол. Подготвени сме да одиме до крај и да стигнеме до пласман понатаму“, изјави Вардаровиот шеф на стручниот штаб.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/07/2017 02:35