Да се продолжи работата на угостителските објекти, посебно на оние во руралните средини, да се овозможи ангажирање на младите и на студентите за време на туристичката сезона наместо да ја напуштаат Македонија и да работат надвор, а категоризацијата на хотелите и останатите сместувачки капацитети да ја вршат компетентни лица, бараат туристичките работници.

Воедно апелираат семинарите, едукативните настани и другите видови активности што се одржуваат на државна сметка, да се организираат дома, а не во странство, што би значело директна поддршка за секторот угостителство и туризам.

Бараат и вработените вон сезона да бидат ослободени од плаќање придонеси за да се задржат на работа.

– Во сите држави со сериозно угостителство и хотелиерство, категоризацијата ја врши фелата, додека кај нас тоа го прават нестручни тела, лица избрани од власта. Затоа има објекти рангирани несоодветно на она што го нудат. Бараме примена на европските искуства, измени на Законот за угостителска дејност, истакна заменик-претседателот на Здржението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија Горан Дамчевски.

На денешната прес-конференција во Комората, тој потенцира дека постојниот Правилник за категоризација, кој е усогласен со европскиот и е во функција веќе пет години, може да се применува, но со претходни мали модификации. Проблемот, рече, не е во неговата содржина, туку во спроведувањето.

Во однос на работното време на угостителските објекти, Дамчевски посочи дека е нужно неговото продолжување, но потребно е и воведување дополнителни активности за поголема атрактивност.

Одговорајќи на новинарско прашање за енормното поскапување на сместувачките капацитети пред одржувањето на Супер купот во Скопје, Дамчевски нагласи дека цените пазарно се формираат, а Здружението нема ингеренции да влијае во овој сегмент. Исто така, додаде, не значи дека високите цени, што сега се промовираат, ќе останат исти и нема да претрпат корекција.

– Имаш побарувачка, качуваш цена. Оставаме пазарот да го реши тоа. Ако некој ставил 1.000 евра за ноќевање, може нема да го букираат, ќе го откажат. Од друга страна, тука се и дестинациите во опкружувањето кои цела година имаат стандардни цени, како и другите градови низ Македонија како Берово, Охрид,… Тие се плус и природна конкуренција која на некој начин ќе ја изнивелира и додефинира цената, посочи Дамчевски.

Во однос на актуелната туристичка сезона, заменик-претседателот на Здружението Славе Сирачевски информира дека се очекуваат добри резултати. Охрид е полн, а Скопје е подготвено со дневни излети да ги прими туристите.

– Земјотресите во Охридско не ги предомислија гостите, ниту има какво било откажување на аранжманите во хотелите, рече Сирачевски.

Здружението за угостителството и туризмот при Комората во јуни достави Информација за состојбите во секторот до Министерството за економија и очекува средба за разгледување и надминување на проблемите.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/07/2017 10:51