Екипата на Вардар, пред малку на стадионот во Струмица го совлада Шведски Малме и со тоа обезбеди пласман во третото коло на Лигата на шампионите.

Иако по првото полувреме, Вардар имаше негатива од 0:1, сепак во второто полувреме преку дисциплинирана игра заслужено стигна до посакуваната победа а со тоа и пласман во третото квалификациско коло во Лигата на шампионите.

Резултатот го отвори Росенберг кој му донесе предност на Малме по ударот од белата точка, а со тој резултат се замина и на полувремето.

Вториот дел од натпреварот Црвено - црните го започна многу поофанзивно и уште во воведните минути имавме доста шанси за изедначување на резултатот. Сепак, тоа му појде од рака на Грнќаров во 56-тата минута кога со глава стрелаше прецизно во голот на Виланд по нафрлената топка од корнер.

Пет минути подоцна по одличниот продор во шеснаесетникот на гостите, беше фаулиран играчот на Вардар, а судијата покажа најстрога казна. Иако Фелипе не беше прецизен по ударот од единаесет метри, одбиената топка стигна до Барсегјан кој стрелаше прецизно во празната мрежа на Малме.

До крајот на натпреварот, Вардар ја смири топката и рутински го одигра натпреварот. Тимот на Малме имаше две посериозни обиди, но за среќа на Вардарци не беше затресена мрежата.

Тимот на Малме целосно се префрли на половината на Вардарци, а тоа го искористи Бобан Николов и во судиското продолжение постигна гол и го постави конечниот резултат од 3:1.

Во третото квалификациско коло Вардарци ќе играат најверојатно против тимот на Копенхаген кој утре на домашен терен ја дочекува Жилина од Словачка а по првиот натпревар Копенхаген има предност од 2 гола (Жилина - Копенхаген 1:3 од првиот натпревар.)



Автор: Администратор
Објавено на: 18/07/2017 17:58