Бугарија нема намера да води нови преговори за текстот на договорот за добрососедство со Македонија, изјави вицепремиерката и шефица на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, додавајќи дека текстот е финализиран.

– Договорот е важна нова страница во односите меѓу двете земји, но по потпишувањето останува да се заврши уште многу работа. Договорот ќе биде потпишан на македонски јазик, според Уставот на Република Македонија, и на бугарски, според Уставот на Република Бугарија – рече Захариева во интервју за државната „Бугарска национална телевизија“ (БНТ).

Захариева наведе дека договорот се темели на Декларацијата од 1999 година и дека во него се вградени механизми за следење на неговата примена. Таа истакна дека експертска комисија ќе работи на подобрување на наставните програми, врз база на легитимни историски извори.

Во однос на барањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се признае постоењето на македонско малцинство во Бугарија, таа истакна дека Бугарија не води преговори со политички партии, туку со влада.

– Во Скопје треба да решат дали ќе продолжат да бидат изолирани уште 11 години од своите соседи и од светот, правејќи се многу големи, или сакаат да имаат европска перспектива и развој – рече Захариева.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/07/2017 16:14