Фудбалерите на Јамајка го совладаа Мексико со резултат 1-0 во полуфиналето на КОНКАКАФ Голд купот, па во борбата за трофејот ќе играат против репрезентацијата на Соединетите Американски Држави.

Јамајчаните на легендарниот стадион „Роуз Боул“ во Пасадена во Калифорнија победија со голот на Кемар Лоренс во 88-мата минута. Дефанзивниот играч на Њујорк Ред Бул постигна одличен погодок од слободен удар на самиот крај на натпреварот, што ја изненади и мексиканската екипа и доминантната мексиканска публика во Пасадена.

Тимот од Јамајка со тоа по втор пат се пласира во финалето на Голд купот, а интересно е тоа што претходниот пат беше поразен токму од Мексико. Пред две години, во Филаделфија изгуби со 3-1 во борбата за титулата, додека минатата година на Копа Америка од Мексиканците доживеа нов неуспех (2-0).

Јамајка и Мексико на овој Голд куп прво играа во групната фаза, каде што резултатот беше 0-0, додека полуфиналето почна подобро за момчињата на суспендираниот селекторот Хуан Карлос Осорио.

Мексиканците во текот на првото полувреме имаа теренска иницијатива и неколку добри шанси за гол, но сите нивни залети беа сопрени од Андреа Блејк, голманот на Јамајка, кој блескаше.

Јамајчаните во вториот дел од играта уште повеќе теренот му го препуштија на Мексико, но тоа не им се исплатеше на „сомбреросите“. Пресврт се направи на две минути пред крајот, кога Уго Ајала го фаулираше Мајкл Бинс, а Лоренс перфектно шутираше од малку повеќе од 20 метри.

Финалето на Голд купот меѓу САД и Јамајка на програмата е меѓу среда и четврток од 3.30 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/07/2017 11:33