Врховниот суд на Република Македонија ги одби жалбите на бранителите на Горан Грујовски и Никола Бошковски и ги потврди решенијата на Апелацискиот суд Скопје за определување мерка притвор во траење од 30 дена.
Жалбата, пак, на одбраната на Тони Јакимовски ја уважи, го преиначи решението на Апелацискиот суд Скопје со кое беше определена мерка притвор и го потврди решението на кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 Скопје за определување мерка на претпазливост „повремено јавување во просториите на Основниот суд Скопје 1 Скопје“. Воедно определи и мерка на претпазливост „привремено одземање на патните исправи“ и „забрана за издавање други патни исправи“.
Петчлениот совет на Врховниот суд вчера ја почна седницата за разгледување на жалбите. Апелацискиот суд, пак, на 18 јули ја уважи жалбата на СЈО и ги преиначи првостепените решенија и заради обезбедување присуство во кривичната постапка им определи мерка притвор на Горан Грујовски, Тони Јакимовски и Никола Бошковски, обвинети во случаите „Таргет“ и „Тврдина“. Мерката притвор не беша активирана бидејќи тројцата поднесоа жалби до Врховниот суд, кој денеска требаше да се изјасни по нив.