Ловечките трофеи и сите обичаи кои се поврзани со нив, во најдобар дел потекнуваат од почетокот на историјата на општеството кога ловот претставувал главно занимање на луѓето. Ловот бил од животна важност за целиот род, подоцна и за целото племе. Успехот во ловот значел доволно храна а неуспехот глад. Земајќи го во предвид примитивното оружје, ловот во праисторијата барал тесна соработка помеѓу ловците затоа што честопати нивниот живот бил доведуван во опасност.
Колку уловеното животно било поголемо и поопасно, толку бил поголем и подвигот на ловецот или ловечката група, што пак, предизвикувало восхит во целото племе. Како показател за своето занимање и социјален статус, ловците на себе носеле разни делови од уловениот дивеч, канџи, заби, пердуви, делови од коска и слично.
Подоцна, низ историјата. Ловците, како знак на успех, носеле кожа од уловениот дивеч. Постепено, ваквиот трофеј бил дополнуван и усовршуван со растењето на угледот на ловецот. Од досега кажанато може да се заклучи дека ловечките трофеи и обработка на истите се стари колку што е стар и самиот лов.
Денешното ловство за разлика од минатото е засновано на сосема поинакви основи. Ловецот денес е пред се заштитник на дивечот. Грижејќи се за него, со прихранувањето, поставувањето солишта, хранилишта и други потребни елементи индиректно помага да се подобри здравствената и бројната состојба на дивечот.
Ловечкиот трофеј е дел од дивечот или целиот дивеч во вид на препарат. Според ловечките обичаи, трофејот му припаѓа секогаш на оној ловец што го одстрелал дивечот. Квалитетно обработен и естетски природно поставен, трофејот претставува спомен на ловеќкото доживување. Затоа треба да се посвети вистинско внимание на обработката, чувањето и заштитата на трофејот од штетните влијанија.
Ловечкиот трофеј е изразит посебен дел од телото на уловениот влакнест или пердувест дивеч, неговите карактеристични екстремитети или целосно препарираниот дивеч.
Трофеи од влакнест дивеч:
Трофеј од елен и од елен – лопатар:
Главен еленски трофеј се роговите. Како споредни трофеи се сметаат забите – песјаци, кожата како простирка и отфрлените рогови. Песјаците од еленот се користат како украс за шешир или за изработка на копчиња. Најубави се очниците од елен на возраст помеѓу 6 и 10 години.
Трофеј од срна:
Убав трофеј, претставува целата препарирана глава, кожата како простирка, но како трофеј се користат и роговите кои уште се нарекуваат и тоболци.
Трофеј од дивокоза:
Најчесто се користи препарирана глава и роговита од двата пола на овој дивеч. Честопати како трофеј се користат и нивните долги влакна од гривата кои на краевите се бели.
Трофеј од дива свиња:
Нејзин главен трофеј одсекогаш биле забите (кљовите). Мажјаците имаат по правило големи заби но и женките од овој дивеч имаат квалитетни трофејни кљови. Од останатите видови на влакнест дивеч, како што се мечката, лисицата, јазовецот, волкот или дивата мачка, кожата претставува трофеј која се користи како простирка или се закачува на ѕид.
Трофеи од пердувест дивеч:
Освен полнет, комплетно препариран, од пердувестиот дивеч најчесто се земаат карактеристични пердуви кои се користат за украсување на ловечката облека или шешир. Најатрактивни се пердувите од фазан, шљука, еребица, пердувите од опашката на паторот, крилце од сојка и слично.