Бугарското Народно Собрание денеска едногласно усвои Декларација за поддршка на потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Македонија.

Како што јави БТА за Декларацијата гласаа сите 206 пратеници присутни на собраниската седница.

Во Декларацијата, Собранието ги оценува како позитивни напорите на владите на Бугарија и на Македонија за финализирање на преговорите за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и очекува тој да биде потпишан согласно со она што претходно го договорија двете страни.

Во документот се изразува подготвеноста на Собранието да ја започне постапката за ратификација на Договорот во најкус можен рок по неговото потпишување.

Парламентот очекува договорот да ги постави односите меѓу двете држави на стабилна, принципелна и прагматична основа и да биде од директен интерес за граѓаните на двете држави, се посочува во Декларацијата.

По гласањето на Собранието, бугарскиот премиер Бојко Борисов им се заблагодари на пратениците за искажаната поддршка кон Владата за потпишувањето на овој Договор.

Во расправата пред гласањето, пратеникот Кристијан Вигенин од опозициската Бугарска социјалистичка партија (БСП) ги предупреди своите колеги во дискусиите да користат добро одмерени зборови, бидејќи, како шти рече, искажаното би можело да биде искористено за поттикнување тензии.

- Потпишувањето на договорот е рамка и основа што треба да биде исполнета со неговата содржина. Сакаме конкретни активности кои ќе покажат дека граѓаните на двете земји ќе имаат корист од Договорот, дополни Вигенин.

Пратеникот од Движењето за права и слободи (ДПС), Јордан Цонев го поддржа Договорот, оценувајќи дека односите меѓу народите и државите на Балканот се историски оптоварени и емотивно мотивирани, што пречи на взаемните добри односи, на развојот на државите и на благосостојбата на народите.

- ДПС отсекогаш сметала дека сите држави од Западниот Балкан треба да бидат членки на ЕУ и НАТО, а тоа особено се однесува на Македонија, изјави Цонев, додавајќи дека Бугарија може да ја игра улогата на медијатор и катализатор на евроатлантските процеси.

Пратеникот Волен Сидеров од коалицијата Обединети патриоти оцени дека денешното гласање во бугарското Собрание претставува историски момент.

- Ние први ја признавме Македонија, но требаше да помине четврт век за да дојдеме до овој суштински чекор, изјави Сидеров.

Неговиот сопартиец Красимир Богданов пак оцени дека Договорот отвора патишта за многу нови можности меѓу двете држави.

- Веќе видовме конкретни активности во насока на инфраструктурните проекти и тоа ќе продолжи. Минатото не треба да се политизира, туку да им се остави на историчарите, порача Богданов.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/07/2017 11:49