Докапитализација на Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР) со цел стимулирање на извозот, поделба на тендерите за капиталните инвестиции на лотови за да може што поголем број домашни компании да се пријават, вклучат и учествуваат, како и воспоставување механизам за автоматски поврат на ДДВ без какво било влијание на министерот за финансии, се трите нови мерки што ги соопшти денеска премиерот Зоран Заев во Стопанската комора на северозапдна Македонија.

Заев пред бизнисмените најави и реализирање 90 милиони евра или еден отсто од БДП годишно во рамномерен регионален развој, еднакви услови за домашните и странските вложувачи и рационализација на администрацијата. Утре, пак, пред Владата, рече, е новата стратегија за персонален данок на доход која предвидува дигитализација на наплатата, а треба да биде изготвена до крајот на годината.

- Претпоставка е дека персоналниот данок на доход се собира на пола. Ако се собираат 150 милиони евра годишно, треба да се соберат 300 милиони евра. Ставката нема да ја зголемиме, останува иста, ниту ќе се сменат принципите на нејзиното плаќање, само ќе има дигитализација. Нема да чекаме да се пријави од граѓаните. Државата ќе го има увидот и ќе ја пушти даночната сметка, објасни Заев.

Според премиерот, државата од ДДВ годишно инкасира речиси една милијарда евра, а може и повеќе од 1,2 милијарди. Неплатени по основ на ДДВ се 300 милиони евра.

- Триста милиони евра не се капиталните инвестиции годишно во државата. Се проектираат на 350 милиони, се трошат 150 до 180 милиони евра. Триста милиони евра има неплатен ДДВ во државата и тоа мора да го собереме. Евазија има и во царинските постапки, и тој дел имаме намера да го средиме, посочи Заев и им порача на стопанствениците да бидат гласни за работи кои, како што нагласи, само се шушкаат.

По основ на повратот на ДДВ, пак, заклучно со јуни, државата, информира Заев, ги подмири сите долгови и тоа го објави јавно, а моментно касата е празна.

- До 25 јуни го вративме целото ДДВ во државата или вкупно 2,4 милијарди денари што е 40 милиони евра. Но, потоа се испразнија сметките во државата. Наша цел е да го стабилизираме многу брзо Буџетот и до есен да воспоставиме нов механизам - министерот за финансии веќе да не одлучува за враќање на ДДВ, туку само да го следи, да биде набљудувач. Како доспева ДДВ-то, трезорот сам, по автоматизам да го празни, потенцира претседателот на Владата.

Во врска со докапитализацијата на МБПР истакна дека идејата е да се овозможи банката да помогне секогаш кога фирмите што сакаат да набават опрема, да изградат хала за производство и да се екипираат за извоз, немаат што да стават под хипотека. За ова, посочи Заев, има одлични примери во регионот, во Словенија и Хрватска.

За Визбегово, што членките на СКСЗМ го посочија како еден од најголемите проблеми поради отсуството на инфраструктура, премиерот истакна дека најголем дел од општините се надлежни за економските зони.

- На општините не им се даваат пари за инфраструктура зашто таму не можат да се сликаат градоначалниците, да сечат ленти. Сакаме да го решиме овој проблем зашто општините должат и пред домашните компании, истакна премиерот.

Освен премиерот Заев, на средбата во СКСЗМ беа и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев кој ги повтори клучните економски политики на Владата и министерот за економија Крешник Бектеши кој се осврна на поддршката на инвестиците од дијаспората и најави нови 10 милиони денари со ребалансот на Буџетот за поддршка на малите и средните претпријатија.

Бинзисмените се пожалија на селективна примена на законите и на ненавремен поврат на ДДВ. Предложија државата да биде транспарентна ако има тешкотии при враќањето на долговите кон стопанството за да можат компаниите тоа да го земат предвид и да планираат. Исто така сугерираа, службите да имаат точна евиденција кој даночен обврзник е во претплата, а кој должи.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/07/2017 01:17