Собранието на Република Македонија попладнево ја почна 10-тата седница на која на дневен ред единствена точка е Предлог-закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик поднесен од четири пратенички групи.
Законот се носи по скратена постапка, бидејќи измените се однесуваат на воведување санкции за нелегално продавање билети за Супер купот што треба да се одржи на 8 август 2017 во Скопје.
Ова, како што образложи еден од потписниците на предлогот Томислав Тунтев, е согласно правилата за успешна организација на овој настан, а за да се спречи фалсификување и нелегална продажба на билетите, а поради тоа што досега не било законски утврдено.
Илија Димовски додаде дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе обезбедат кворум за седницата и воедно ќе гласаат за овие промени кои се по барање на Европската фудбалска федерација.
По кратката расправа, Собранието со 89 гласа, ниту еден против и ниту еден воздржан ги донесе измените и дополнувањата на кривичниот законик.
Изменетиот член на изборниот законик гласи:
Недозволена трговија
Член 277
(1) Тој што неовластено купува, продава или разменува предмети или стоки од поголема вредност, чијшто промет е забранет или ограничен, ако не постојат обележја на некое друго дело, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.
„(2) Со казната од ставот (1) на овој член ќе се казни и тој што неовластено нуди, рекламира, продава, овозможува на друг продажба или посредува во продажба на билети за јавни спортски натпревари, јавни културни или друг вид јавни манифестации.“
(3) Ако сторителот на делото од ставовите 1 и 2 организирал мрежа на препродавачи или посредници, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
(4) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.
(5) Обидот за делото од ставот (2) на овој член е казнив.
(6) Предметите и стоката на недозволената трговија ќе се одземат.