Претстојните локални избори означуваат крај на првата фаза која треба да донесе важна оценка дали навистина сме се вратиле на евроинтегративниот процес и генерално на демократскиот пат. Оттука, локалните избори коишто претстојат се круна на делот 3 од Планот 3-6-9, изјави вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи за денешната трибина посветена на „Имплементација на мерките од Планот 3-6-9 во делот на изборите“.

– Кредибилни и слободни избори се важна одредница врз основа на која ќе бидеме оценети од меѓународните партнери. Меѓутоа, тоа што е најважно, правото на глас, слободното изразување на гласот, фер политичка конкуренција и веродостојните резултати од изборите се основен предуслов за репрезентативна демократија кон која што сите се стремиме, рече Османи.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека МВР во соработка со ДИК постојано работат на подобрување на избирачкиот список и согласно искуствата од претходните парламентарни избори, фокусирани се на две работи – кредибилноста на избирачкиот список да биде на едно повисоко ниво, и организирање безбедни, фер и демократски избори, за да можат граѓаните самостојно да одлучуваат.

– Од исклучителна важност е колку секоја од институциите, секој од носителите на позициите ќе придонесат да имаме фер, демократски и слободни избори. Тоа ние мора да го овозможиме и да ни биде врвен приоритет на сите нас како институции. По тоа ќе не ценат и во ЕУ, но и нам треба да ни биде важно демократските и европските вредности да бидат начин на функционирање на институциите во РМ. Во таа смисла сметам дека секој од нас треба да направи се да ги оставиме граѓаните на РМ да донесат вистинска одлука, односно да изберат локална власт каква што заслужуваат или каква што посакуваат да имаат врз основа на основните демократски принципи, рече Спасовски.

Претседателот на Државната избодна комисија Александар Чичаковски, истакна дека ДИК е подготвена за претстојните локални избори и дека подготовките за нивното одржување започнале уште веднаш по предвремените парламентарни избори во декември 2016 година. Преземените мерки, додаде, се во согласност со мерките од Планот 3-6-9 на Владата кои се донесени во инкулизвен процес преку консултирање на повеќе релевантни институции, вклучувајќи ја и ДИК.

Посочи, меѓу другото, дека спроведените анализи покажале дека клучни приоритети во овој период треба да им бидат подобрување на внатрешната организација, ефикасноста и транспарентноста во работењето на ДИК, спречување на сите можности за политички влијанија во донесувањето на одлуките како во рамки на ДИК, така и во рамки на општинските изборни комисии и избирачките одбори, донесување подзаконски акти за регулирање на повеќе изборни процедури, унапредување на едукацијата на ОИК и ИО со цел подобрување на нивните перформанси на работа затоа што главни актери во спроведувањето на локалните избори ќе бидат пред се ОИК, рече Чичаковски.

Потврди дека клучна активност на ДИК била и зголемување на ажурноста и точноста на избирачкиот список за што, вели, од голема помош им бил и фактот што во меѓувреме организираа и спроведоа неколку локални референдуми.

– ДИК во моментов финишира со преземање на активностите и мерките кои беа планирани за подготовката на локалните избори и спремни го очекуваме актот за распишување на локалните избори од страна на претседателот на Собранието на РМ. Со активностите кои во меѓувреме ги презедовме се адресираат најголем дел од препораките кои се наведени во конечниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР во делот на мерките за кои не беа потребни законски измени. Со овие активности во најголем дел се реализираат и мерките предвидени во Планот 3-6-9 во делот на изборите, рече Чичаковски.

На новинарско прашање, Чичаковски истакна дека степенот на точност на избирачкиот список зависи од степенот на точност и ажурност на податоците коишто ги добиваат од релевантните институции, а не само од МВР и оти станува збор за динамичен процес. По спроведувањето на предвремените парламентарни избори се работело на надминување на системските проблеми со цел поблиска соработка со сите надлежни институции. ДИК, додаде, една година го користи и ВИМС системот со кој се проверува интегритетот на податоците кои ги добиваат од релевантните институции и кој во континуитет ќе го овозможи нивното следење.

Според Спасовски, клучната забелешка во делот на приочистување на избирачкиот список била во однос на начинот на издавање на личните карти.

– Најважно од се е пропустите кои биле правени во минатото при издавањето на документи да бидат отстарнети. Тие се отстранети но ќе треба да се бара и некакво системско решение на поврзување на институциите и на нивните системи во менаџирање со овие докумнети со цел да се отстрани можноста или зависноста од тоа кој раководи со кој било кој од органите, рече министерот Спаоoвски.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/07/2017 18:02