Потпретседателот на Алијансата за иднината на Косово (ААК), Пал Лекај денеска соопшти дека коалицијата ПАН, чија членка е и неговата партија, ги обебзедила потребниот број гласови во косовското Собрание за избор на негов претседател и потпретседатели и за формирање на влада.

Како што јави дописникот на МИА, тој додаде дека на собраниската седница на 3 август само ќе биде конституиран Парламентот, по што набрзо ќе биде формирана и влада.

- Парламентот на Косово ќе се конститира на 3 август. Ќе биде избран претседател и пет потпретседатели, со што завршува конституирањето на Шарламенот и се дава простор за формрање влада, што ќе се случи набрзо потоа. Сакам да нагласам дека имаме поддршка од пратеници кои добија доверба од граѓаните и тие се доволно за формирање на новите институции на Косово, изјави Лекај.

Во врска со условите поставени од пратениците од немнозинските заеднци во замена за гласови, Лекај рече дека лидерот на ААК и кандидат за премиер Рамуш Харадинај не прави штетни компромиси за Косово, туку „тој ќе им го даде она што им следува со закон и Уставот и ништо повеќе“.

Инаку, попладнево и официјално е закажана конституивната седница на косовското Собрание за 3 август во 10 часот. Единствен кандидат за спикер на Парламентот е Кадри Весели, лидер на Демократската партија на Косово (ПДК), која исто така е членка на коалицијата ПАН.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/07/2017 18:18