Косовскиот Парламент не успеа и во текот на вчерашниот ден да ја продолжи конституивната седница, на која требаше да се избере претседател и потпретседатели на законодавниот дом.
По неколку обиди да продолжи седницата, на која не се појавија пратениците на коалицијата ПАН, беше постигната согласност да се сретнат координаторите на пратеничките групи. На средбата, на која не присуствувале сите пратенички групи, било договорено в среда да се одржи друга консултативна средба.
- Ние побаравме в среда да се одржи друга консултативна седница за да одлучиме околу датумот на продолжението на седницата. Побарав од претседавачот да се замисли кога пратениците ќе ги викне на седница, бидејќи собраниската сала е светост и сакаме претходно да имаме целосна координација за да влеземе во салата, изјави Енвер Хоџај од Демократската партија.
Движењето „Самоопределување“ соопшти дека нема да учествува на средбата.
- Нема да учествуваме на оваа консултативна средба, бидејќи тоа е обид таа да се претвори во политичка средба за да се изгласа Рамуш Харадинај за премиер, изјави Глаук Коњуфца, координатор на пратеничката група на „Самоопределување“, која остро се противи на кандидатурата на Кадри Весели за претседател на Парламентот.
За разлика од „Самоопределување“, коалицијата ПАН (Демократска партија, Алијанса за иднината на Косово и Иницијативата за Косово) не го менува ставот.
Лидерот на Алијансата и кандидат за премиер, Рамуш Харадинај, синоќа потврди дека единствен и најсоодветен кандидат за спикер останува Весели, инаку лидер на демократите, кој и претходно беше на оваа функција.