Објавен е Јавен повик за поднесување електронски барања за финансиска поддршка за инвестиции за модернизација на земјоделски стопанства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2017 година, соопшти денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Повикот се однесува на подигнување нови повеќегодишни лозови и овошни насади, повеќегодишни насади со ароматични растенија и медоносна флора (фацелија, еводија и багрем) на нови површини и набавка на добиток од признати организации на одгледувачи на добиток од Република Македонија и од увоз.

Според Агенцијата, средствата се наменети за подигнати насади и набавен добиток во периодот од 1 октомври до 31 декември 2016 година и од 1 јануари до 31 август 2017 година.

Крајниот рок за аплицирање е 01 септември 2017 година, а барањата што не се поднесени електронски нема да се разгледуваат.

Финансиската поддршка се исплаќа по принцип на кофинансирање на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина од 50 отсто од вредноста на одобрените прифатливи трошоци за инвестиции. Ставката на кофинансирање се зголемува во случаите кога баратели се млади земјоделци и кога инвестицијата е лоцирана во подрачја со ограничени можности и недостапни рурални заедници до висина од 75 проценти.

Право на користење на средствата имаат земјоделски стопанства евидентирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, согласно Закон за земјоделство и рурален развој.

Барањата се поднесуваат електронски по извршена регистрација на e-baranje.ipardpa.gov.mk. Подетални информации заинтересираните можат да добијат во контакт центарот (02) 3097-460 или на контакт е-маил адреса: e-baranje@ipardpa.gov.mk и на www.ipardpa.gov.mk.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/08/2017 14:09