Англискиот фудбалски клуб Евертон постигна договор со Свонси за трансфер на неговиот играч за врска Гилфи Сигурдсон за 45 милиони фунти, пренесува Би-би-си.

Свонси минатата сезона обезбеди опстанок во Премиер лигата, а Сигурдсон постигна девет голови и имаше 13 асистенции.

Репрезентативецот на Исланд денес ќе ги направи лекарските преглед во Ливерпул, по што би требало да потпише договор.

Ако се оствари трансферот, 27-годишниот Сигурдсон ќе биде најскапиот играч во историјата на Евертон. Засега најскап е Ромелу Лукаку, кој во 2014 година за 31.8 милиони фунти дојде од Челзи.

Свонси во јули бараше 50 милиони фунти за Сигурдсон, откако ги одби 40-те милиони од Лестер, а слична понуда одби и од Евертон, кој повеќе од една година се обидува да го доведе Исланѓанецот.

Сигурдсон во мај изјави дека не се обидува да го напушти клубот, а ја пропушти турнејата низ САД и пријателскиот натпревар со Бирмингам поради шпекулации околу трансферот.

Тој постигна 30 погодоци за Свонси откако во 2014 година се врати во клубот по две години поминати во Тотенхем.

Евертон во летниот преоден рок ги доведе: Вејн Руни, Мајкл Кин, голманот Џордан Пикфорд, Деви Класен и Сандро Рамирез.

Клубот го напушти напаѓачот Ромелу Лукаку, кој за 75 милиони фунти направи трансфер во Манчестер јунајтед, а тренерот Роналд Куман изјави дека Рос Баркли би можело да го напушти „Гудисон парк“.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/08/2017 13:29