Триесет и седум компании од Скопје потпомогнати од врaботени во УЈП во текот на 2015 и 2016 година успеале да избегнуваат наплата на милионски долгови за данок на добивка.
Ова го соопшти денеска директорката на УЈП Сања Лукаревска која рече дека меѓу компаниите има и приватни и државни фирми и оти поголем дел од нив се познати на јавноста и се дел од листата на должници што ја објавува Управата за јавни приходи. Меѓу фирмите помал број се државни, а според дејноста со која се занимаваат има од различни профили.
За случајот, како што рече директорката, против две лица вработени во УЈП се води дисциплинска постапка, но дека истрагата ќе се проширува. Меѓу инволвираните, како што истакна, се и лица на високи раководни функции одговорни за мониторирање на системот.
– По основ на добиени информации и одредени сознанија за постоење незаконски дејствија и интервенции во системот на УЈП за данок на добивка, утврдено е дека свесно и намерно со интервенција и насоки од вработени во УЈП, извршено е изземање на 37 правни лица од постапки на присилна наплата, односно овие фирми подолг временски период биле отстранувани од листите за генерирање опомени за наплата на долгови за данок на добивка, што е услов за отпочнување постапки за присилна наплата, рече Лукаревска.
Појасни дека сите 37 фирми биле ставени во привилигирана позиција на начин што во електронскиот систем на УЈП за данок на добивка била овозможена посебна програма за забрана за печатење опомени за долгови по основ на данок на добивка, која овозможувала подолг период, односно околу две години даночните обврзници да бидат изземени од постапки за присилно наплатување на евидентирани милионски долгови.
Таа истакна дека и покрај тоа што службите на УЈП имале обврска да го монитотираат целокупниот процес и да ги преземат сите неопходни мерки за издавање опомени согласно евиденцијата и состојбата на долговите за даночните обврзници и да преземат мерки за отпочнување даночни постапки, тоа не било сторено токму за овие 37 фирми, цели две години.
Порача дека секој е должен да плаќа данок на начин утврден со закон. – Никој нема да биде привилегиран надвор од Законот, ниту даночните обврзници, ниту бизнисите, ниту сметководителите, ниту граѓаните, а најмалку вработени во УЈП. Залоупотреба на положбата на даночниот службеник за остварување каква било корист за друго службено лице или за друго правно или физичко лице нема да се толерира и за сите инволвирани ќе бидат покренати постапки, рече директорката на УЈП.