Ако се сведуваат на плус/минус, земјоделските субвенции немаат ефект, но ако ги анализираме по гранки или дејности, некаде имаат. Сепак, факт е дека приносот не е зголемен, сточниот фонд не е во пораст, а, за жал, не е постигнат ниту социјалниот аспект, смета професорот Јован Аждерски од Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ).
Аждерски, кој го предводи научниот тим неодамна формиран во рамки на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во интервју за МИА, освен за субвенциите, зборува и за структурата на македонското земјоделство, за приоритетите за конкурентно производство, за предизвиците, како и за мерките кои треба да се преземат за, како што вели, сериозно придвижување напред.
– Убеден сум дека од година во година, откако се зголемени субвенциите, производство е некаде исто, а некаде е многу намалено. Економски бенефит или резултат од зголемување на поддршката подразбира вложените 150 милиони евра да дадат 300 милиони евра проиозводство. Тоа се вика ефектуирање, што засега не е случај. Од друга страна, со 150 милиони евра може да се влијае на социјалниот момент, да се задржат луѓе, посебно во руралните средини, под претпоставка дека се иселуваат по 5.000 – 6.000 годишно, што исто така не е случај. Праксата и тоа не го покажува, нагласува професорот.
Негов предлог е, дел од државната поддршка, наместо во пари, да се исплаќа во конкретна помош – репроматеријали, нафта, посадочен материјал, приплодни грла, механизација, приклучни машини,… Тоа, вели, веројатно ќе почне да се применува од идната, 2018 година.
– Настојуваме како наука да се намали директната поддршка, да не се дава по хектар, зашто така создаваме мрзливи земјоделци што е еден од синдромите на уништување на земјоделството, потенцира Аждерски.
Аждерски открива дека допрва ќе се прави официјална анализа на економската оправданост на субвенционирањето, под надзор на Брисел.
Во интервјуто укажува и дека се поразителни фактите за писменоста и староста на земјоделците во земјава, како и за узурпираноста на обработливите површини.
– Ако во Македонија има 179.000 земјоделци, што е релативно променлива бројка, старосната структура е преку 57 години. Тоа значи дека основата на староста на нашите земјоделци е 57 години или повеќе од половина век. Од нив, само четири отсто имаат завршено средно земјоделско образование, а преку 20 проценти се со неоформено основно образование, односно со четвро одделение, посочува професорот.
Подвлекува и дека преку десет отсто од најплодните површини се претворени во бетон и асфалт. Последните 20 години, 30 отсто од 100-те илјади хектари прва и втора класа се трајно пренаменети и уништени.
Научниот тим во кој се вклучени вкупно 16 професори од ФЗНХ, меѓу низата мерки, како што информира Аждерски, сугерира и воведување цена на чинење на сите земјоделски производи, како и регионализација врз основа на почвените, климатските услови, релјефот,.