Република Македонија развива добрососедски односи со сите држави од регионот. Мислам дека новата Влада го покажа тоа и преземаме интензивни активности да ги решаваме отворените прашања со соседите, а не да отвориме нови, изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, одговорајќи на новинарско прашање за заострувањето на односите на Белград кон Скопје.
– Се разбира будно ја следиме состојбата, меѓутоа не би избрзале со заклучоци. Тоа што може е да ја поздравиме изјавата од српска страна односно нивниот официјален став за заштита на пријателските односи и враќање на состојбите во вообичаените рамки, рече Османи на денешната прес-конференција во Владата на Република Македонија.
Прашан дали однесувањето на Србија е поврзано со најавите за кандидирање на Косово за пеием во УНЕСКО, Османи одговори дека не треба да се шпекулира во однос на причините.
– За нас е важно да ги затворме отворените прашања со соседите. Нема да избрзуваме со никакви одлуки во тој правец, ќе чекаме да се добијат сите детали во однос на тоа прашање. Важно е од двете страни да има позитивна волја да се вратат работите во вообичаените односи, рече вицепремиерот.
Османи посочи дека во комуникација со властите на Косово добил информација дека во моментов Приштина воопшто нема поднесено апликација за прием во УНЕСКО.
– Тие велат дека во моментов воопшто немаат апликација, така што тоа не е предмет на разговори. Во моментот кога ќе биде побарана поддршка тогаш ќе донесеме одлука, изјави вицепремиерот Бујар Османи.