Министерството за транспорт и врски во име на Владата потпиша нов билатерален договор со Европската Унија за ко-финансирање на проектот за „Изградба на експресниот пат на делницата Дреново – Градско, како дел од крак 10-Д на патниот Коридор 10“, информираше денеска министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Тој додаде дека овој нов договор со ЕУ е од исклучително значење за модернизирање на патната инфраструктура во Пелагонискиот регион.

– Европската Унија, подржувајќи ги напорите на новата Влада, донесе одлука да се вклучи во финансирањето на експресниот пат од Градско до Дреново со грант, а не заем, во износ од 35,4 милиони евра. Со договорот се предвидува градежните работи на оваа делница долга 15 километри да започнат до крајот на 2017 година и да се завршат во рок од две години. Делницата Градско – Дреново ќе се гради на ниво на експресен пат кој ќе ги задоволи сите сообраќајни и безбедносни стандарди – изјави Сугарески.

Тој додаде дека изградбата на патот Градско – Дреново е прва фаза. Втората фаза која предвидува изградба на делницата од Фаришка до Дреновска клисура е во тек, но се соочуваат со проблеми на кои секојдневно работат за да се надминат.

– За третата фаза од Тројаци до Плетвар, вклучително и влезот во Прилеп, сме во напредни преговори повторно со Европската Унија за да обезбедиме дополнителни средства. Очекуваме некаде крајот на 2019, почетокот на 2020 година да имаме комплетно нов експресен пат од Градско до Прилеп – додаде Сугарески.

Министерот за транспорт и врски информираше дека во рамките на Секторската оперативна програма за транспорт 2014-2020, од страна на Европската Унија, одвоени се вкупно 108,9 милиони евра за проекти за подобрување на патната и железничката инфраструктура долж мрежата на европски транспортни коридори кои поминуваат низ територијата на Македонија.

Од овие 108,9 милиони евра планирано е, 60 милиони евра да бидат искористени и за изградба на пругата кон Бугарија конкретно делницата Крива Паланка – Деве Баир. Дел од овие средства ќе се искористат и за изградба на последната фаза од експресниот пат до Прилеп.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/08/2017 16:00