Пропадна и најновиот обид за конститутивна седница на косовскиот Парламент, откако коалицијата ПАН призна дека нема доволно гласови за избор на претседател.
Оваа коалиција на самот почеток на седницата од собранската говорница призна дека нема доволно гласови за да може да предложи и да се избере претседател на новиот законодавен дом.
Потпретседателот на Демократската партја, Енвер Хоџај, побара дополнителен рок од две недели за да го обезбедат потребниот број пратенички гласови за тоа.
-Како коалиција,чие право е да предложи кандидат за претседател на парламентот, како прв чекор, по што ќе се избираат и потпретседатели, бараме дополнителен рок. Ние кандидат имаме, но го немаме потребното мнознство, посочи Хоџај.
На тоа му возрати претседавачот на седницата, Адем Микуловци, со зборовите „кој сте Вие да го блокирате Парламентот“ па ги повика претставниците на другите парламентарни групи да го кажат својот став.
Албин Курти од движењето „Самоопределување“ кажа дека треба да се формираат новите институции и побара од ПАН да предложи друг кандидат за претседател на законодавниот дом.
Абдула Хоти од коалицијата ЛАА, предложи средба на сите парламентарни партии со цел да заврши политичката криза, по што претседавачот Микуловци, кажа дека седницата е завршена, без да најави кога ќе биде нејзиното продолжение.