Домашната ракија да се третира како посебен производ од национално значење кој нема да подлежи на акцизни давачки, а производителите да се здружат за заеднички настап на пазарите и постигнување поголема цена, е пораката од синоќешната средба во Општина Кавадарци што ја организира конзорциумот „Иноватор 2013”.

На средбата присуствуваа кавадаречки лозари, претставници на Регионалниот лозарски сојуз „Агротиквешија” и пчелари, а стана збор и за изработка на амбалажа и пакување на ракијата со цел нејзина продажба на фри-шопови и во дисконти. Така, беше речено, би се постигнала три до пет пати повисока цена од сегашната - во земјено пакување ракијата би чинела 10 до 15 евра, а во стаклено меѓу 7 и 10 евра.

„Иноватор 2013” го презентира проектот за производство, откуп и пласман кој опфаќа три видови домашни ракии: прополка, гроздова и анасонка.

Дали гроздовата ракија ќе биде бела или жолта, допрва ќе се договара.

- Се надевам дека ќе наидеме на заинтересираност и дека ќе го стартуваме проектот. Најпрво ќе треба да се формира правен субјект, задруга или друштво со ограничена одговорност, субјект кој за неколку години би прераснал во акционерско друштво. Се работи за издржан проект кој има подолгорочна димензија, нагласи претседателот на Собранието на Конзорциумот Љубомир Ракиџиев.

Предвидено е продажбата на ракијата да биде на рускиот и скандинавските пазари. Жално е, рече Ракиџиев, произведените количини што се чуваат како резерва и средствата потрошени за нив да не се ефектуираат.

Тој нагласи дека ќе се обидат да се стават на услуга како меѓународна асоцијација која работи на проекти од европски фондови.

- За ова разговаравме со општината и здружението на лозари. Земјоделско шумарското училиште од Кавадарци беше посочено како центар за стручно оспособување за пробна количина за керамичка амбалажа, шишиња со посебни дизајни. За да може продажбата да оди на фри-шопови, дисконти,.. каде се постигнуваат поголеми цени, изјави Ракиџиев.

За ова е остварена средба и со генералниот секретар во Владата на Република Македонија. - Потребни се економски мерки за третман на ракијата. Предложивме овој производ, домашна ракија, да се третира како посебен производ од национално значење кој нема да има акцизни давачки како сега. Да нема третмани и тешки услови како сега пропишаните, додаде Ракиџиев.

Доколку сево ова заживее, рече, ќе биде потребно унифицирање на домашната ракија која има различни вкусови и состав. Во целата таа работа ќе биде потребно да се вклучи и некоја од винарниците.

Проектот на „Иноватор 2013” е регионален проект, ќе ја опфати и српската сливова ракија. За сево ова, беше нагласено, ќе се подготви европски проект за Хорајзен програмата.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/08/2017 17:20