Македонија ќе биде воздржана доколку дојде до гласање за членство на Косово во Унеско, соопшти српската премиерка Ана Брнабиќ, по разговорот со премиерот Зоран Заев, на маргините на неформалниот самит на лидерите од Западен Балкан во Драч, пренесе РТС.
„Македонија ќе остане на истата линија, односно ќе биде неутрална ако се гласа за влез на Косово во Унеско“ изјави Брнабиќ.
Брнабиќ објаснила дека македонскиот колега ѝ го потврдил тоа што го ветил на самитот на западнобалканската шесторка во Трст. Во нивниот разговор било констатирано дека на Македонија ѝ е многу важно пријателството со Србија и дека тоа ќе биде јасен сигнал на силно пријателство и силна врска со Србија, така да, како што рече Брнабиќ, очекувам тоа прашање да не се отвора.
Српската премиерка нагласила дека Заев ќе ја посети Србија во ноември.
„Денеска разговарав со Заев за настаните во изминатите денови. Имаме доста добро разбирање околу понатамошните чекори во нашата соработка, го повикав и се договоривме да ја посети Србија во ноември“ изјави Брнабиќ.
Тогаш, како што рече Брнабиќ, ќе се договориме и за одржување на заедничка владина седница на Србија и Македонија.