Премиерот на Албанија Еди Рама, на денешната седница на Националното собрание го соопшти составот на новиот кабинет.
Новата владин кабинет, или како што го нарекуваат „Рама два“, освен премиерот, ќе има и еден потпретседател на Владата, двајца државни министри, како и 11 министри.
Она што е посебно карактеристично е фактот што застапеноста на жените е идентична, односно функциите се поделени 50 на 50.
Потпретседателка на Владата ќе биде Сенида Меси, а функциите државен секретар за Албанците надвор од матичната земја и лице за заштита на претприемништвото, кои се воведуваат за првпат, ќе ги раководат Пандели Мајко и Сонила Ќато.
Старо-нов шеф на дипломатијата ќе биде Дитмир Бушати, прв полицаец и понатаму ќе биде Фатмир Џафај, министерка за одбрана Олта Џачка, за правда Етилда Ѓонај, а министер за за образование, спорт и млади ќе биде Линдита Никола.
Министерството за финансии се спојува со економија и негов прв човек ќе биде Арбен Малај, Министертвото за енергетика се спојува со транспорт и врски и ќе го раководи Дамиан Ѓикнури, а Министерството за здравство се спојува со она за социјална заштита и ќе го предводи Оргета Манастрилиу.
На чело на секторот за земјоделство и рурален развој ќе биде Нико Пелеши, за туризам и животна средина Бленди Клоси, додека секторот култура и понатаму ќе го раководи Мирела Кумбаро.
Во обраќањето пред членовите на Собранието Рама, меѓу другото, оцени дека мандатот што народот им го дал на изборите на 25 јуни е најтежок до сега.
-Владеењето со прекрасни луѓе е тежок предизвик. Тие ја добија изборната битка за нас, сега ние треба да го направиме нашето за Албанија, што ја посакуваме за нив. Ова е најтежок мандат откако сум на оваа функција до сега. Оваа партија треба целосно да ја заживее коалицијата со граѓаните, посочи Рама.
Владиниот кабинет треба да го декретира претседателот Илир Мета, по што во првите денови од септември само формално ќе биде спроведено гласањето, бидејќи на изборите коалицијата предводена од социјалистите на Рама освои апсолутно мнозинство.
Инаку, прв парламентарец, меѓу 140-те членови на новиот албански Парламент ќе биде Грамоз Ручи.