Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) најавува регистрирање на производителите на мед и негово обврзно декларирање со јасно наведен број на спроведената анализа за безбедност и квалитет.

Целта на оваа приоритетна активност, како што вели директорот на АХВ Зоран Атанасов, е подигнување на нивото на безбедност на потрошувачите и минимизирање на фалсификувањето на медот.

Регистрацијата, според Атанасов, ќе овозможи конкретен увид во производството и негово ставање во програмите за контрола и мониторинг на АХВ.

– Наскоро АХВ ќе почне со активности за регистрација на примарните производители на мед во земјава со цел ставање ред во производството и продажбата на овој прехранбен производ и на пчелните призводи. Со воспоставувањето на регистарот ќе се спречи продажба на производи кои се декларираат како мед, а кои не ги исполнуваат основните критериуми од Правилникот за квалитет на медот, а на повисоко ниво ќе се подигне и безбедноста и квалитетот на овој прехранбен производ. Ред ќе се стави и на неговото означување согласно законските и подзаконските акти, истакнува Атанасов во интервју за МИА.

Пчеларите се веќе влезени во системот, АХВ ги има евидентирано како одгледувачи, но, дополнилно ќе бидат известени дека треба да се регистрираат.

Во Македонија има околу 6.000 одгледувачи на пчели и 240.000 пчелни семејства. Маркетите продаваат мед од 13 одобрени оператори кои откупуваат и препакуваат, но, по зелените пазари и патиштата масовно се продава мед од производители кои не се регистрирани.

– Сакаме тоа да го ставиме под контрола и тие да бидат обврзани да го декларираат медот согласно постојниот Правилник. Со тоа би ги подигнале нивото на безбедност и довербата на потрошувачите, би се подобрил квалиетот и би се намалило фалсификувањето, нагласува директорот.

Медот во маркетите, тврди Атанасов, не е фалсификат, но има случаи на отстапувања во квалитетот.

– Операторите кои имаат одобрение за препакување се под контрола. Најголем проблем е продажбата на медот „под тезга“ и меѓу луѓето, без да се нуди на пазарот. Во таков случај, не знаеме што купуваме, укажува директорот на АХВ.

Инспекциските служби спровеле околу 80 контроли на продажбата на мед и пчелни производи на зелените пазари и на несоодветните локации каде се продаваат овој тип на производи, а летово, зајакнати контроли се спроведуваа и во малопродажните објекти во сите населени места.

– За среќа, со вонредните контроли се констатирани само недоследности од помал обем, кои во соработка со операторите во кус период се отстранети и за кои согласно законските решенија се изрекуваат мерки едукација, потенцира Атанасов.

Лани биле извршени 41 контрола кај операторите со мед во однос на безбедноста, квалитетот и означувањето при што била констатирана само една недоследност.

Минатата година биле увезени 188.099 килограми мед. Како небезбедна, од страна на официјалните ветеринари, уништена е само една пратка со органски мед, во количина од 2.72 килограма со потекло од Велика Британија, заради отсуство на ветеринарно-здравствен сертификат кој задолжително треба да ја придружува секоја пратка.

Во 2016 година, од земјава биле реализирани и 23 извози при што на странските пазари биле пласирани 120.390 килограми мед по потекло од Република Македонија.

До Одделението за заштита на потрошувачи при АХВ лани се поднесени само две претставки од потрошувачи кои се однесувале на квалитетот на медот. По извршената инспекциска контрола констатирано било дека претставките се неосновани.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/08/2017 19:01