Сто и деведесет компании во Република Македонија директно се занимаваат со рударство и притоа вработуваат 6.500 лица. Индиректно со сите преработувачки капацитети тоа се 500-тини компании со вкупно 13.000 вработени, така што тоа претставува околу 9 проценти од вкупното производство во државата или 5 проценти од целокупниот извоз на државата. Самите бројки кажуваат колку оваа дејност е значајна во Република Македонија.
Ова денеска го истакна вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, кој се обрати на одбележувањето на Денот на рударите-28 Август и 38-годишнината од постоењето на рудникот „Бучим“.
Анѓушев на прес-конференцијата истакна дека рударскиот сектор е една од најзначајните водечки гранки во државата, во која се вработени околу 13.000 работници.
- Денеска дојдов да ја искажам својата почит спрема дејноста и да кажам дека Владата и понатаму ќе ги поддржува сите позитивни проекти кои ќе ги задоволуваат стандардите на техничкото работење, но и барањата на граѓаните на Република Македонија. Мораме да ги земеме предвид нивните интереси. Тоа може да се направи само со заедничко работење на сите инволвирани во овие процеси, рече Анѓушев. Додаде дека потребно е да бидат задоволени сите светски познати стандарди на чисти технологии за преработка на минерални суровини, без разлика дали се тие неметали или метали.
Вицепремиерот нагласи дека директно учествуваат во „Бучим“ кој, како што рече, е еден од светлите примери во македонското рударство.
- „Бучим“ е успешна компанија, тоа го покажа сите овие 13 години наназад работејќи позитивно. Не само што работењето на „Бучим“ е важно за државата, би рекол дека е уште побитно и регионално за општина Радовиш и за целиот регион, бидејќи не само што помага на целиот живот и работењето на општината и на целиот регион. Концесиската надомест која што ја плаќаат сите концесионери, околу три четвртини завршува во општинскиот буџет, а со самото тоа придонесува за сериозен регионален развој, рече Анѓушев.
Заменик-менаџерот на рудникот „Бучим“ Николајчо Николов истакна дека рудниот „Бучим“ иднината ја гледа во отворање и во инвестиција на новото рудно наоѓалиште Боров Дол, кое се наоѓа на осум километри од рудникот за бакар „Бучим“. Истакна дека 2017 година рудникот „Бучим“ ќе ја заврши доста успешно.
– Ние првото полугодие го завршивме доста успешно. Карактеристично е што во оваа година „Бучим“ одблележа рекордно производство на злато во два месеца. Во април имаме произведено злато во нашиот концентрат 107 килограми и во јуни 101 килограм, што претставува месечен рекорд во историјата на „Бучим“ и наш рекорд за овие 13 години. Ова го споменувам посебно поради тоа што произведената количина на злато значително ја подобрува економијата на самиот Бучим, рече Николов.
Тој забележа дека „Бучим“ има рудни резерви за работа до 2019 или најоптимистички до 2020 година. Доколку „Бучим“ не го продолжи работниот век на рудното наоѓалиште Боров Дол, во тој случај овој рудник од којшто егзистираат 700 семејства во радовишкиот регион ќе се затвори. Николов забележа дека работниот век на „Бучим“ единствено може да се продолжи само со отворањето на новото рудно наоѓалиште Боров Дол, за што имаат и од поодамна добиено концесија за експлоатација на рудното тело.
- Боров Дол се наоѓа на 8 километри од нашиот рудник и идејата е, веќе ги разработуваме решенијата, рудата од Боров Дол да се вози со трака до нашиот отворен склад, овде во „Бучим“ и со тоа да се задржи постоечката линија на производство и на тој начин да обезбедиме работа на „Бучим“ до 2032 година. Во друга оптимистичка варијанта до 2042 година затоа што рудните резерви во Боров Дол не се доистражени. Значи, главна задача на сегашното раководство на „Бучим“ заедно со нашиот сопственик е како побрзо да го пуштиме производството, односно да почне експлоатацијата на рудата од Боров Дол, рече Николов. Додаде оти треба да се изоди долг пат и оти имаат одредени проблеми.
Тој забележа дека во наредниот период ќе следи зголемување на платата на рударите од 20 отсто. Во септември рударите од „Бучим“ ќе добијат 10 отсто зголемување на платата, а до крајот на годината дополнителни 10 проценти со што платите на рударите во „Бучим“ до крајот на годината ќе бидат зголемени за 20 проценти.
Според Николов, за зголемувањето на платите придонесуваат и новите мерки кои ги презема Владата за стопанството, а посебно во делот на зголемувањето на минималната плата. Забележа дека во рудникот „Бучим“ средната плата изнесува 460 евра, нето.
Николов забележа дека зголемувањето на платите во рударскиот сектор мора да се случи со цел да се задржи постојниот кадар бидејќи, како што рече, веќе се чувствува дефицит т.е. недостаток од кадар во земјава, посебно во сферата на рударството.
На свеченоста им беа доделени награди на најдобрите рудари во „Бучим“.