Службен весник на РМ треба да го објави изменетиот Тарифен систем за продажба на електрична енергија на домаќинства и мали потрошувачи што до нив минатата недела го достави Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), а којшто треба да овозможи од октомври повторно да се воведе дневна ефтина тарифа на струјата.

По објавувањето на измените во Службен весник, операторот на дистрибутивниот систем ЕВН на терен треба да почне активности за промена на тарифите кај секое од 800.000 броила на секое поединечно домаќинство. За таа цел компанијата врши софтверско прилагодување на системот.

Од ЕВН истакнуваат дека ќе треба време да се прилагодат броилата за евтината струја, за што ќе се работи по реони. Најавуваат дека процесот за сите домаќинства ќе го завршат до крај на октомври. Прилагодувањето на секое поединечно бороило е рачно за што е потребно физички контакт со секое броило од страна на читачите на броилата.

Со измените на Тарифниот систем ќе се воведе дневна евтина тарифа за потрошувачите од групата домаќинства, во периодот од 14 до 16 часот од понеделник до сабота. Како и досега, евтината тарифа ќе продолжи да се применува во недела во тек на целиот ден.

Како што објави Регулаторната комисија за енергетика по седницата на која ги донесе измените на тарифникот по анализата на состојбата на пазарот на електрична енергија и консултациите со операторите на преносниот и дистрибутивниот систем (АД МЕПСО-Скопје и ЕВН Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје), заклучено е дека може да се воведе дневна евтина тарифа за потрошувачите од групата домаќинства, во периодот од 14 до 16:00 часот од понеделник до сабота.

РКЕ појаснува дека со воведувањето на дневната евтина тарифа за потрошувачите од групата домаќинства ќе се обезбеди изменување на обликот на кривата на траење на оптоварување во насока на помал сооднос на максималното оптоварување и останатите високи оптоварувања во текот на денот.

По објавувањето на одлуката за враќање на дневната тарифа премиерот Зоран Заев минатата недела најави дека до октомври ќе бодат создадени сите услови за спроведување на мерката. Како што информираше, реализацијата на оваа мерка од Програмата на Владата, ќе чини осум милиони евра, но нема да влијае никако на покачување на цената на струјата. Ќе се базира исклучиво на заштедите на ЕЛЕМ и МЕПСО, со тенденција и ЕВН да направи дополнителни напори во рационализација на своето штедење.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/08/2017 13:57