Високата претставничка за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини денеска ќе биде домаќин на неформалниот состанок во Брисел, каде ќе присуствуваат претседателите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи.
На средбата, ќе се дискутира за идните односи меѓу Србија и Косово.
– Могерини ќе биде домаќин на неформалниот состанок на Вучиќ и Тачи. Претседателите ќе ги разменат мислењата за продолжување на дијалогот за нормализација на односите, земајќи го предвид договорот што беше постигнат во јули, кога е договорено отпочнување на „нова фаза на дијалогот“, изјави синоќа портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчиќ.
Таа наведе дека, се работи на исполнување на договорот, посочувајќи дека „овој состанок треба да се гледа во тој контекст“.
– Могерини и српскиот и косовскиот претседател ќе ја разгледаат и примената на договорот што досега беше постигнат со дијалог, најави Коцијанчиќ.
Вучиќ, на претставниците во Брисел, ќе им пренесе дека разговорите меѓу Белград и Приштина се беспредметни, доколку косовските власти го опструираат спроведувањето на договорот и спречуваат враќање на Србите со апсење и покренување на обвиненија, објави „Вечерње новости“ повикувајќи се на анонимен извор.
Според неименуваниот извор Вучиќ ќе инсистира на разговор за „узурпирањето на приватниот и државниот имот во Косово, позицијата на Српската православна црква и безбедносните закани за Србите во северниот и јужниот дел на Косово“.
Извор близок до кабинетот на Могерини, наведе дека цел на состанокот е консултацијата во врска со подготовките за новата фаза на дијалогот во процесот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.
Бриселските претставници посочија дека состанокот ќе биде од „неформална природа“, без евентулано „конечно решение“, а целта е „консултации и продолжување на започнатите подготовки за придвижување на новата фаза на дијалогот“.
Истовремено, во Брисел напоменуваат оти очекуваат новата рунда на дијалогот меѓу Белград и Приштина да се случи веднаш откако ќе биде формирана новата влада во Приштина, повикувајќи ги косовските политичари колку што можат побрзо да завршат со тоа.
Во јуни годинава, двете страни се договорија да почнат со подготовките за отворање на „новата фаза на дијалогот“.
Меѓу договорените точки на Бриселскиот договор постојат и такви кои се во фаза на имплементација, како и се уште отворени прашања.