Косовскиот претседател Хашим Тачи синоќа во интервју за „Радио Косово“ потврди дека „граѓаните ќе добијат шанса да се изјаснат на референдум за конечниот договор меѓу Приштина и Белград“.

- Овој договор мора да биде по волја на граѓаните. Во продолжение на дијалогот директно ќе учествуваат и САД, што ќе претставува силна гаранција за преземање чекори и брзи одлуки, вистински, одржливи и функционални, истакна Тачи.

Пораката за евентуален референдум Тачи ја изнесе во јавност само неколку часа по состанокот во Брисел со српскиот претседател Александар Вучиќ и Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини.

Тој нагласи дека „идниот конечен договор за нормализирање на односите и помирување, кој отвора сигурна перспектива на Косово во рамки на ОН, ЕУ и НАТО, мора да биде по волја на граѓаните преку референдум“.

Тачи нагласи дека станува збор за нова фаза од дијалогот меѓу Косово и Србија, а конечниот договор ќе им стави крај на непријателствата.

Косовскиот претседател во интервјуто најави и дека наскоро патува во САД и тврди дека ќе оствари средба со американскиот колега Доналд Трамп.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/09/2017 10:38