„Го поздравувам Договорот за пријателство, добрососедство и за соработка со Република Македонија. Тој е важен за народите на Република Бугарија и на Република Македонија, но и за целиот регион“.

Ова го изјавил заменик-помошникот државен секретар на САД, Хојт Брајан Ји, на средбата со бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, во рамките на Бледскиот стратешки форум во Словенија, соопшти бугарското МНР.

– Се надевам дека овој договор ќе создаде одлична атмосфера, во која Република Македонија ќе ги подобри односите и со другите соседи – додал Ји.

Захарива на средбата истакнала дека една од најголемите придобивки на договорот е тоа што тој е изработен без странска помош, со што двете страни покажале дека ги решаваат прашањата без посредници.

Захариева и Хојт Ји разговарале и за актуелната политичка ситуација во регионот и за иницијативите на Бугарија во надворешната политика.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/09/2017 11:29