Во Скопје денеска ќе биде отворена Амбасадата на Јапонија, која во Македонија официјално започна со работа на 1 јануари 2017 година.

На церемонијата на свеченото отворање, како што најави Амбасадата на Јапонија, ќе присуствува државниот министер за надворешни работи на Јапонија Казујуки Накане, кој заедно со јапонската амбасадорка Кеико Ханеда ќе им посакаат добредојде на присутните изведувајќи ја церемонијата „кагами бираки” – кршење на буре со саке и ќе наздрават за успешно продолжување на билатералните односи помеѓу двете земји.

На приемот гостите ќе имаат можност да вкусат и други традиционални пијалоци од Јапонија, како што се вино од сливи – умешу и јапонско фино виски.

По свечената церемонија, државниот министер Накане заедно со министерот за здравство Арбен Таравари ќе ја посетат државната клиника за Гастроентерохепатологија каде ќе се одржи официјално предавање на најсовремен апарат за абдоминална дијагноза и ултразвук, донација од народот на Јапонија.

За време на дводневната посета, предвидено е министерот Накане да има средби со претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието Талат Џафери и со заменик-министерката за надворешни работи Арта Точи.

Инаку, „кагами-бираки“ е церемонија која се изведува на свечени прослави. Со дрвен чекан се крши капак од буре со саке и се служи на сите присутни. Кагами се однесува на капакот од бурето саке, а бираки значи „да се отвори“. Така, „кагами-бираки“ буквално значи „отворање на капакот“. Поради кружната форма на капакот, кагами е симбол на хармонија и затоа изведувањето на „кагами-бираки“ претставува отворање кон хармонија и среќа.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/09/2017 11:15