Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска се сретна со Ружица Попева Наумова, членка на Управниот одбор на Здружението за заштита на граѓански права „Но Пасаран“, и со други членови на здружението, соопшти владината прес-служба.

Претставниците на здружението „Но Пасаран“ го информираа премиерот Заев за проблемите со кои се соочуваат, а се поврзани со постојаните притисоци од извршители, блокирани сметки и тужби за сметки што ги добиваат за парно греење и покрај тоа што се исклучени од системот на централно греење.

На средбата премиерот Заев соопшти дека Владата на Република Македонија веќе бара начин за решавање на овој горлив проблем за граѓаните, согласно законските прописи, и дека во најбрзо време ќе предложи начин како ќе се отстрани оваа неправда.

Премиерот Заев ги потврди цврстите заложби на Владата да работи во служба на граѓаните и во тој правец ќе се носат решенија кои ќе превенираат вакви проблеми да се случуваат во иднина.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/09/2017 13:19