Британскиот тенисер Енди Мареј изјави дека најверојатно нема да се натпреварува до крајот на годината поради повредата на колкот која го мачи изминатите два месеца.

Моментно вториот тенисер на светот има проблеми уште од пред Вимблдон, каде што изгуби во четврт-финалето.

По третиот Грен слем во сезоната, Мареј ги пропушти натпреварувањата на Мастерс во Монтреал и во Синсинати, а потоа и Отвореното првенство на САД.

Во соопштението за јавноста се наведува дека сигурно ќе ги пропушти и наредните турнири во Пекинг и во Шангај.

„За жал, нема да бидам во можност да се натпреварувам во Пекинг и во Шангај и најверојатно во Виена и во Париз, коишто се последните два турнири во сезоната. Причина за тоа е повредата која ме мачеше последните месеци. Се консултирав со повеќе специјалисти последните седмици, како и со мојот тим. Одлучивме дека ова е најдобра реакција што се однесува до мојата иднина“, изјави британскиот тенисер.

„Иако ова беше фрустрирачка година на теренот од многу причини, уверен сум дека по овој продолжен период на одмор и рехабилитација, повторно ќе бидам на врвно ниво и дека ќе се борам за титулите на Грен слем во наредната сезона. Првиот турнир којшто ќе го играм наредната сезона ќе биде Бризбејн, каде што воедно ќе се подготвувам за Отвореното првенство на Австралија. Се радувам и за дуелот против Роже подоцна оваа година за УНИЦЕФ. Имам фантастичен тим, кој напорно работи на тоа да ми помогне да поминам низ овој процес и ја ценам нивната поддршка, како и таа од сите мои фанови во овој тежок период“, додаде Мареј. Претходно, сезоната поради повреда ја завршија и Новак Ѓоковиќ, Станислас Вавринка и Кеј Нишикори.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/09/2017 12:05