Тринаесет македонски компании ќе се претстават на најголемиот прехранбен саем во Југоисточна Европа „Ворлд фуд 2017“, (World food 2017) во Москва, кој почнува денеска и ќе трае до 14 септември.
Македонските производители и преработувачи на свежо овошје и зеленчук ќе имаат национален штанд, кој се простира на површина од 110 квадратни метри, а делегацијата ја сочинуваат 28 бизнисмени.
– Покрај настапот на саемот, македонската бизнис-делегација денеска ќе има средба и со преставниците на најголемите трговски синџири од Руската Федерација во огромниот деловен центар „Фуд сити“, кој е сопственост на најголемиот руски агро-кластер – изјави Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора, кој ја предводи бизнис-делегацијата од македонските компании.
Според Бешлиев, побарувачката за македонските земјоделски производи од страна на руските компании се зголемува, а во изминатиот период се зголемил и бројот на пратките и количествата што се пласирани на тој голем пазар.
Покрај учеството на саемот, бизнисмените ќе остварат бројни деловни средби со претставници на руската комора и со официјалните лица на руската администрација.
Настапот на македонските компании е во организација на Македонско-рускатата стопанска комора, со финансиска поддршка на ресорното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија.