Проектот „Еден појас – еден пат“ дава широки можности за зближување на Европа и Азија во смисла на промовирање на економската и на културната соработка при што водечка улога во таа задача ќе ја имаат новинските агенции, констатирано е на конференцијата „Нов пат на свилата“ што се одржа во Солун во заедничка организација на кинеската новинска агенција Ксинхуа и грчката АНА, а на која учествуваше и македонската новинска агенција – МИА.

Генералниот директор на АНА Михаил Псилос истакна дека во денешното дигитално време повеќе од 80 проценти од вестите кои се емитуваат се производ на различни новински агенции, а само 20 отсто се останати медиумски содржини.

Потпретседателот на Ксинхуа Жао Сутанг рече дека официјален Пекинг врз основа на стратегијата „Еден појас – еден пат“ планира инвестиции вредни неколку милијарди евра долж историскиот пат на свилата кој ги поврзува Кина и Европа.

Заменик директорот на МИА Халид Ајдини укажа на неопходноста од меѓусебна соработка на новинските агенции како од Балканот, така и од земјите долж „Новиот пат на свилата“. Рече дека МИА е отворена за соработка со сите агенции за размена на вести и на други мултимедијални содржини.

На конференцијата во Солун учествуваа претставници на националните новински агенции од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Кипар, Хрватска, Македонија, Романија, Србија, Турција, Азербејџан, Ерменија, Казахстан, Шпанија, Италија, Полска, Русија и Турција. Во фокусот на конференцијата беше кординацијата и соработката на новинските агенции со цел јакнење на нивните комерцијални и културни врски, како интензивирање на соработката со цел унапредување на економскиот раст, зголемување на инвестициите и зајакнување на активностите во борба против невработеноста и искоренување на сиромаштијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/09/2017 11:21