Домашната месна индустрија очекува по 1 октомври да стане поконкурентна на домашниот пазар и да почне да ги користи сопствените капацитети во целост, а како резултат на примена на новата предлог мерка која предвидува укинување на царината за свинското смрзнато месо за преработка.
– Долгогодишниот проблем се реши со неколку средби со новата Влада која понуди предлог мерка која е прифатлива и за преработувачите и за производителите и од која ќе имаат бенефит и двете страни, истакнаа на прес-конференцијата денеска Васко Ристовски од Стопанската комора на Македонија, Влатко Ѓоргиевски од МИК „Свети Николе“ и Слободан Кутрески од „Пекабеско“,а членки на Групацијата.
Со мерката која е прифатена од компаниите кои преработуваат месо и се очекува да ја прифатат и производителите, се предвидува да се укине царината при увоз на смрзнато свинско место за преработка, а која зависно од категоријата се движи од 19, 25 и 36 проценти.
– Оваа мерка е еден компромис меѓу преработувачите и производителите и со неа очекуваме да се воспостави ред на домашниот пазар, рече Кутревски и додаде дека со неа се очекува да ги искористат капацитетите во целост, да се зголеми бројот на вработени и платите.
Според него, оваа мерка во пракса треба да ја смени состојбата во маркетите која сега е во прилог на странските производи кои полнат три полици, а домашните само една полица.
Ѓоргиевски, пак, смета дека со оваа мерка домашните преработувачки капацитети ќе добијат рамноправна положба со странските производители кои доаѓаа на домашниот пазар со пониски цени.
Бенефитот од примената на мерката ќе ја имаат како домашните компании, така и крајните потрошувачи преку квалитетните производи и пониските цени, оцени Ѓоргиевски.
Со примената на оваа мерка се проценува дека производството на трајни и полутрајни производи оваа година домашните капацитети ќе го зголемат за 16.000 тони или скоро за 30 проценти повеќе од минатата година, како и пораст на извозот за 10 проценти.
Потребите од полутрајни и трајни преработки на месо годишно во земјава изнесуваат околу 17.000 тони, кои од домашно производство се подмируваат со 65 проценти, а 35 проценти од увоз при што се увезуваат околу 6.000 тони. Увозот, како што беше наведено, на преработки на месо во одделни години достигнувал и до 9.000 тони што покрива над 60 проценти од домашната потрошувачка.
Посочуваат дека на домашниот пазар нема доволно месо за преработка и оти она што ќе се понуди се откупува. Уверуваат дека смрзнатото месо за преработка нема да заврши во трговијата, посочувајќи дека за тоа има ригорозни казни, па дури и одземање дозвола за работа.
Во Македонија од регистрирани 50 компании за преработка на месо, работат 38 компании од кои 15 се регисрирани за производство на полутријани и трајни производи со капацитет од 45.000 тони на годишно ниво.
Податоците на Групацијата, кои ги презентираше Ристовски, покажуваат дека се користатат 28 проценти од капацитетот на компаниите кои минатата година преработиле 11.500 тони месо.